Убави вести за Македонците кои живеат или патуваат во Германија, Италија, Малта и Унгарија

ТАВ Македонија денеска ќе ја заврши реконструкцијата на пистата на Меѓународниот аеродром Скопје и од 17 часот летовите ќе почнат да се одвиваат во текот на цело деноноќие.

Градежните работи за рехабилитација на пистата на Меѓународниот Аеродром Скопје почнаа на 28-ми март и оттогаш досега распоредот на летови беше изменет, односно летовите се одвиваа од 17 часот до 9 часот секој ден, а од 9 часот до 17 часот се работеше на пистата.

„Овој голем инвестициски проект завршува по 62 дена градежни работи за обновување на асфалтот на пистата на скопскиот аеродром.

Ние во ТАВ сме задоволни и уверени дека успешното завршување на проект од овој вид за првпат по реконструкцијата на пистата во 1996 година ќе обезбеди повисок квалитет на аеродромските услуги.

Би сакале да се заблагодариме на сите засегнати страни и чинители бидејќи навистина ја цениме нивната соработка, поддршка и придонес“, изјави Метин Батак, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Пистата на Меѓународниот Аеродром Скопје е долга 2.950 метри и широка 45 метри, а овој проект за рехабилитација на пистата е прв по реконструкцијата на пистата на скопскиот аеродром во 1996 година, кога истиот бил целосно затворен за сообраќај во период од 2,5 месеци, а авиосообраќајот бил префрлен на охридскиот аеродром.

ТАВ Македонија ги советува патниците редовно да ги следат и проверуваат веб-страниците на авиокомпаниите, со цел да ги видат најновите/евентуалните измени за летовите од/до Меѓународниот Аеродром Скопје.

На веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје, во категоријата „Летови“ (Пристигнувања/Заминувања) информациите за евентуални промени во редот на летање се ажурираат редовно и во реално време, како што ТАВ Македонија ги добива од авиокомпаниите.

По завршувањето на активностите на аеродромот, добри вести и од најпопуларниот авиопревозник за Македонците во дијаспората.

Wizz Air ќе ги обнови летовите на последните шест линии од скопската база кои останаа во прекин долго време бидејќи скопскиот аеродром врши реконструкција на својата единствена писта.

Нискобуџетниот превозник ќе ги продолжи летовите за Бремен на 30-ти мај, за Будимпешта и Малта на 1-ви јуни, за Ваксјо на 2-ри јуни и за Болоња на 3-ти јуни. Летовите за Торино исто така ќе започнат на 1-ви јуни. Летовите на сите шест линии ќе сообраќаат двапати неделно во текот на летната сезона.

Wizz Air наскоро планира да го зголеми бројот на летовите до Билунд, Турку и Нирнберг двапати неделно, до Берлин, Копенхаген и Фридрихсхафен три пати неделно, до Келн и Гетеборг четири пати неделно, до Малме пет пати неделно и до Базел на 10 пати неделно во наредниот период.

Авиокомпанијата распореди пет авиони во базата во Скопје, од кои три се Ербас А321 со капацитет од 230 седишта, а другите два се Ербас А320 со капацитет од 180 седишта.

Компанијата планира оваа летна сезона да склучи нов договор за субвенции со македонската Влада и да ги врати летовите од Скопје до Хановер, Барселона и Ларнака како и од Милано Малпенса до Охрид. Предвидени се и три нови линии од Скопје, неофицијално се размислува за Прага, Сплит и Марибор.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде