Ангелов: Пред неколку дена гледав сличен пожар во Америка, ама таму беа побавни од нас

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов од местото на пожарот во Тетово инфомираше дека добиени се хеликоптери од МВР со чија помош се истури вода на објектите од „Македонија Табак“ каде има пожар од 9.30 часот утринава.

Се уште се работи на локализирање на пожарот.

-Во Тетово утрово имавме појава на голем пожар кој се уште не е локализиран. Се работи за фабрика во која што меѓудругото картони, гипс картони и други материјали бидејќи постои опасност од загадување на воздухот побаравме да биде извршена анализа на воздухот, на квалитетот на воздухот за да провериме дали здравјето на граѓаните е загрозено.

Се уште чекаме информации, почетните информации се дека нема отровни гасови што би биле непосредно загрозувачки бидејќи ние стоиме во непосредна близина.

Доколку гасовите се отровни, ние не би можеле да стоиме овде, но тоа не значи дека овие гасови неможат да бидат штетни, изјави Ангелов.

Од страна на ЦУК се активирани сите надлежни институции.

– Имаше прашања зошто порано не сме дејствувале со пожар, не дејствуваме пред се поради две причини бидејќи објектот има покрив, а под покривот има  плоча.

Колку и да фрла хеликоптерот вода, водата неможе да продре преку покривот и плочтата. Хеликоптерот го употребивме тогаш кога проценивме дека може да помогне во сечење на линијата на пожарот за да продолжи неговото ширење.

На одредено растојание околу стотина метри од местото каде што е пожарот наверојатно има садови со експлозив, со експлозивни гаосви, односно плин или други деривати на плинот. Наша цел е пожарот  да го прекинеме неговото ширење и сметам дека тоа веќе успешно се прави, потенцира Ангелов.

На местото на пожарот командува командирот на ТПЕ од Тетово и целата координација се одвива со него, соопшти директорот. Според него хеликоптерот е ангажиран по барање на тетовската пожарна.

-Инаку фрлање на вода од хеликоптер директно врз оганот додека тој беснее може на ваков пожар да направи контра ефекти и уште повеќе да го разгори, односно да го рашири пламенот на соседните згради.  Затоа хеликоптерот исклучително прецизно беше употребен за сечење на пожарот, рече Ангелов.

Покрај ТПЕ од Тетово има цистерни од Скопје, Гостивар и по потреба од друг градови. Воедно побарана е поддршка и од  АРМ.

-Покрај војниците од тетовската касарна  на пат кон Тетово е и тимот од радиолошко хемиска биолошка заштита, кои можат да направат едно првично испитување на воздухот, но воедно од страна на ЦУК се упатени барања до врвни стручњаци  и институции коишто ќе направат детална анализа на воздухот, изјави Ангелов. 

На новинарско прашање дали реакцијата на пожарникарите била навремена, Стојанче Ангелов одговори дека при секој пожар, дали урбан или шумски, најголемата одговорност ја има градоначалникот.

Сличен пожар гледав во САД и таму пожарникарите беа побавни од нас. Ваквите пожари се шират бргу и тешко се гаснат поради материјалите кои согоруваат. Ова е максимумот што може да се направи, одговори Стојанче Ангелов.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде