Бектеши објави пред Регулаторната комисија: Вечерва на полноќ дизелот треба да поевтини за повеќе од пет денари

Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) денеска ќе носи одлука за цените на нафтените деривати што ќе важат од полноќ.

Од РКЕ информираат дека се исполнети предусловите за носење нова одлука за цената на горивата што ќе биде во сила од полноќ.

Со последните измени на Правилникот за одредување на малопродажните цени на нафтените деривати РКЕ може секој ден да носи одлуки за промена на цените на нафтените деривати доколку пресметката за цената на било кој нафтен дериват оди нагоре или надоле за два денара.

За пресметката РКЕ го зема просекот од претходните петдневни котации на берзата и воопшто не влијае цената на суровата брент нафта на светскиот пазар.

Министерот за економија Крешник Бектеши попладнево за ТВ21 изјави дека вечерва се очекува ново намалување на цените на горивата, поточно на дизелот.

Како што вели тој, согласно методологијата и пресметката, состојбата на светските берзи, но и мерките донесени од Владата за наламување на ДДВ и акцизата, вечерва на полноќ дизелот треба да поевтини за повеќе од пет денари.

Ова е првпат еден владин министер да ја прогнозира или најавува промената во цената на нафтените деривати, кои во земјава ги одредува тело кое треба да е независно од Владата – Регулаторната комисија за енергетика.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде