Мистеpиозна фотографија која интригира и по 34 години: Дали Путин навистина го шпиониpал Реган?

Пит Соуза, фотограф на американските претседатели Роналд Реган и Барак Обама, споделил фотографија на Инстаграм која ја направил пред речиси 34 години, со многу интересна приказна зад истата.

„Го фотографирав претседателот Реган во текот на неговата посета на Москва во 1988 година. Михаил Горбачов го однесе да го посети Црвениот плоштад каде беше позиционирана група „туристи“ (КГБ агенти?). Обрнете внимание на човекот од левата страна кој има фото-апарат околу вратот“, напишал Соуза во описот на фотографијата.

Пет години подоцна Соуза ја објавил книгата „Unguarded Moments“ во која се нашле фотографиите направени во текот на ангажманот во администрацијата на Реган.

Десет години по објавувањето на книгата, фотографот примил писмо во кое бил прашан дали знае дека на фотографијата од Реган на Црвениот плоштад (на 145-та страница од книгата) го фотографирал Владимир Путин.

Соуза веднаш ја контактирал библиотеката на Реган и администрацијата на Џорџ Буш, но никој со сигурност не можел да потврди дека на фотографијата е навистина Путин, кој во тоа време бил агент на КГБ, стациониран во Источна Германија.

Белата куќа во 2009 година повторно го ангажирала Соуза како официјален фотограф на Барак Обама. Неколку дена пред инаугурацијата, тој дал интервју за „NPR“ во кое зборувал за тоа колку важноста на претседателските фотографии може да се промени во текот на годините.

„Штом ќе ја видите фотографијата, си помислувате: Ох Боже, навистина е тој (Путин)“, изјавил Пит во текот на интервјуто.

„Голема грешка. Никогаш не требаше да кажам такво нешто бидејќи тоа всушност никогаш не беше потврдено“, истакнал тој.

Набрзо по интервјуто пристигнал и официјален демант од Кремљ дека станува збор за Путин.

Месец дена по интервјуто, Соуза вели дека му пристигнала разгледница во поштенското сандаче. На неа се наоѓала фотографијата од Црвениот плоштад.

Човекот со фото-апаратот бил заокружен со црвен фломастер, а некој напишал „шпион“ со стрелка насочена кон него. Пит ја предал разгледницата на тајната служба, но ништо не се случило.

Истата година кон почетокот на летото, Обама отпатувал во Русија да се состане со Путин. Ниту еден руски службеник не му кажал ниту збор на Соуза.

„Успеав да направам друга фотографија на која дефинитивно можам да потврдам дека се наоѓа Владимир Путин“, ја завршил фотографот интересната приказна која ја споделил на својот Инстаграм профил.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде