Балканот тагува: Почина легендата на југословенскиот фудбал

Денеска на 84-годишна возраст почина еден од најдобрите голмани во поранешната СФРЈ, Милутин Шошкиќ. Тажната вест ја објави неговиот поранешен тим, Партизан.

– Денеска на 84 години не напушти легендарниот голман на Партизан, Милутин Шошкиќ. Тажен ден за секој член на црно-белото семејство. Нему нека му е вечна слава и благодарност! 31.12.1937 – 27.08.2022. – објави Партизан.

Шошкиќ беше дел од тимот на „црно-белите кои на 11 мај 1966 година играа во финалето на тогашниот Куп на Европски шампиони против Реал Мадрид (1:2).

Фудбал почнал да тренира на 11 години во Црвена Звезда, каде што играл околу половина година, но поради недоразбирање со домаќинот на стадионот, одлучил кариерата да ја продолжи во Партизан.

Светска слава стекна во Партизан за кого играше 11 години (1955-1966), а потоа пет години беше член на Келн, каде во 1971 година ја заврши играчката кариера.

Со добрите настапи во Партизан стана репрезентативен голман. На голот на репрезентацијата го наследи Владимир Беара и одигра вкупно 50 натпревари.

Првото големо натпреварување на Шошкиќ со националниот тим било Европското првенство во 1960 година, каде што освоил сребрен медал по победата од 5:4 во полуфиналето над домаќинот Франција и поразот во финалето од тогашниот СССР по продолженија со 2:1.

Истата година, Шошкиќ со репрезентацијата освои златен медал на Олимписките игри во Рим.
По завршувањето на играчката кариера завршил виша тренерска школа. Потоа стана тренер на ОФК Београд каде остана 5 години.

Потоа ја презеде Кикинда, која ја водеше во Втората сојузна лига, а потоа се врати во Партизан за да биде еден од помошните тренери. Работел заедно со Милутиновиќ и Бјековиќ.

Откако во 1993 година Бора Милутиновиќ стана селектор на репрезентацијата на САД, тој го назначи Шошкиќ за тренер на голманите. Шошкиќ остана на таа позиција и по заминувањето на Милутиновиќ до 2006 година.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде