Конечно: Ковачевски се огласи во врска со обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ

Димитар Ковачевски, премиер на Македонија, го избегнал отслужувањето на воениот рок, правдајќи се со лекарско мислење дека е ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН за служење војска.

Ова е документот, извадок од евиденциона книга на АРМ, објавен на социјалните мрежи. Од овој документ јасно се гледа дека Ковачевски од страна на лекари е прогласен за ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН, истакна Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од неговата прес-конференција:

Ова води до два заклучока. Или Ковачевски го злоупотребил влијанието на татко му кој тогаш бил градоначалник на Куманово и партиски функционер на СДС и добил лажно лекарско мислење, или тој навистина е ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН.

Доколку Ковачевски не лажел и не се служел со измама, тогаш ние за премиер на државата имаме ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН човек, а самата дијагноза кажува дека неговата неспособност не може да се отстрани, т.е. дека таквата состојба кај него е трајна, што значи дека истата може само да се влошува.

Доколку Ковачевски лажел за својата здравствена ситуација, тогаш ние на чело на државата имаме патолошки лажго.

Ако лажел да избегне служење војска правејќи се ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН, тогаш не можеме ниту да претпоставиме за што се’ друго би лажел.

Доколку пак Ковачевски навистина е ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН, не знаеме дали таа состојба кај него прогресирала и дали тој е целосно функционален да ги извршува државничките задачи.

И во двата случаи, односно и доколку лажел, и доколку е ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН, Ковачевски како премиер е опасност за државата.

Ковачевски мора да си даде оставка. Македонија не смее да биде водена од премиер кој е или патолошки лажго или е ТРАЈНО НЕСПОСОБЕН.

Ковачевски на овие обвинувања одговори:

ВМРО-ДПМНЕ не бира ни средства ниту начин за да го сврти вниманието на јавноста од големите корупциски скандали и превирања во нивната партија. Тоа само потврдува дека се она што го гледаме во јавноста изминатата недела е вистина и ВМРО-ДПМНЕ се наоѓа во огромна криза.

Сепак, јас како претседател на СДСМ никогаш нема да дозволам политичката дебата да падне толку ниско како што посакува ВМРО-ДПМНЕ и културно ќе одговорам на лагите и навредите.

Никогаш ниту сум избегнувал ниту бегал од одговорноста за служење на воениот рок. Само нечесни и уплашени луѓе злоупотребуваат нечиј здравствен предизвик и последователна хируршка интервенција од пред повеќе од 20 години за да го прикријат својот срам и криминал.

Но, не сум изненаден и за сите други лаги, клевети, лажни вести и манипулации од ВМРО-ДПМНЕ. Тие не се менуваат, а скандалите во Град Скопје само потврдуваат дека не само што партијата не е реформирана, туку дополнително криминализирана. Граѓаните тоа го гледаат и самите ќе судат.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде