Еден месец ниту трага, ниту глас од Сабина и нејзината 7-годишна ќерка од Куманово – се стравува од најлошто…

Еден месец нема ни трага, ниту глас од триесет и две годишна мајка и нејзината 7-годишна ќерка од Куманово. Сабина и Елиф ги бара семејството преку социјалните мрежи, но и на терен, а во потрагата се вклучени и МВР и Обвинителството.

За мајката и ќерката постои сомнеж дека се убиени, но овие информации не се официјално потврдени бидејќи не се најдени тела. За случајот МВР има распишано потерница за Дехран К. (42) од Куманово кој бил невенчан сопруг на Сабина и со кого таа живеела.

Семејството на мајката вели дека се надеваат оти се живи, но сепак како поминуваат деновите, велат поголем им е стравот дека им се случило нешто лошо, а за тоа вината ја префрлаат на невенчаниот сопруг. 

Апел за помош во потрагата е испратен и преку социјалните мрежи каде е оставен телефонскиот број 078 234-029 за сите граѓани кои имаат било каква инфорација за Сабина и Елиф.

Редакцијата на МКД.мк се обиде да добие одговор од Центарот за социјални грижи од Куманово, но на ниту еден од трите фиксни телефони не ни се јави никој. Останува нејасно дали социјалните служби знаеле за малтретирањето и дали се обиделе да преземат некакви чекори за заштита на мајката и детето. 

Блиските на Сабина велат дека поседуваат снимки од насилството кое таа го трпела, била тепана и малтретирана, а осомничениот Дехран имал проблеми со алкохол. Работел како овчар по околните села, а блиските на мајката и девојчето ги барале и кај семејствата каде тој работел.

Единствената информација која ја добиле од едно од семејствата од кумановски села е дека минатиот месец Дехран ја тепал Сабина, а семејството на кое им ги чувал овците, ги избркало од имотот.

Последен пат Сабина и Елиф контактирале со семејството на 28 август, годинава. Таа претходно била во брак со таткото на Елиф, но по разводот тој заминал за Германија, а таа живеела со Дехран К. кого полицијата го бара. Цел месец никој ниту ги чул, ниту ги ведела, а трага нема ниту од невенчаниот сопруг.

Таткото на Елиф требало да дојде од Германија и да поднесе барање за старателство за да ја земе да живее со него, но сега девојчето го нема. Седумгодишната Елиф годинава требало да тргне во прво одделение.

Блиските на исчезнатите мајка и ќерка се сомневаат дека токму старателството и земањето на Елиф е причина за сите случувања. Семејството на таткото на девојчето се организирало и ги пребаруваат местата во Куманово и велат дека ако најдат било каква трага од невенчаниот сопруг, можно е да ги најдат и нив. И тие се сомневаат дека се y6иени.

Од МВР потврдуваат дека ги бараат мајката и ќерката, како и дека е распишана потерница по невенчаниот сопруг кој се бара за сторено кривично дело. Сомнежите се дека сторил убиство.

„На 09.09.2022 во 14.30 часот од страна на И.Н. (59) е пријавено дека неговата внука С.С. (32) заедно со нејзината малолетна ќерка Е. И. пред околу 15 дена поточно на 25.08.2022 не биле достапни за контакт. Известен е јавен обвинител. СВР Куманово презема мерки за пронаоѓање на Д.К. (42),невенчан сопруг на С.С. поради сомнение за извршено кривично дело. Се преземаат мерки за расчистување на случајот”, велат од МВР.

Потрагата по мајката и девојчето кое го пропушти почетокот на училишната година продолжува, а надлежните треба да дадат официјални одговори дали двете се живи и исчезнати или киднапирани, па убиени. 

Извор+фото: МКД.мк

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде