До таму ни стигна полицијата: Униформи се бараат со донации – МВР експресно се огласи!

Независниот полициски синдикат започнува акција за донирање на искористени полициски униформи, бидејќи, како што велат тие, новите колеги сигурно нема да добијат униформи.

– Почитувани колеги,

Поради тоа што веќе подолг период Министерството за внатрешни работи нема набавено униформи,

а за некој ден во нашите редови доаѓаат и нови колеги, кои исто така нема да добијат ниту едно парче од униформа и ќе бидат оставени сами на себе, започнуваме со ХУМАНИТАРНА АКЦИЈА.

Сите хумани пензионирани колеги, но и сите оние хумани луѓе кои имаат останато било каква употреблива униформа ќе може истата да ја донираат во канцеларијата на НСП секоја сабота од 10.00 до 12.00 часот.

Донираната униформа ќе биде испрана, сортирана и поделена на сите колеги на кои им е неопходна, а доколку акцијата се покаже како успешна истата ќе ја предложиме и на Министерството како идејно решение за да ја спроведат самостојно и во нивна организација.

Да ставиме крај на продажбата на употребувана униформа!

БИДИ ХУМАН, ДОНИРАЈ УНИФОРМА!, напиша член на НСП.

Министерството за внатрешни работи најостро гo демантира Независниот синдикат на полицијата, кој преку социјалните мрежи обвинува дека новата генерација полициски службеници не задолжила униформа и нема да добие униформи.

„Сакаме да ја информираме јавноста дека новите полициски службеници – приправници треба да се јават на работа во понеделник на 3 октомври и по распределувањето по организациски единици, ќе задолжат униформа во својата организациска единица.

Посочуваме дека службеник кој не започнал со работа, нема основ да задолжи униформа пред првиот работен ден и, што е уште поважно, дека потребните количини на униформи во централниот магацин на МВР се на располагање на сите организациски единици“, се вели во демантот.

Според МВР, обвинувањата се „тенденциозно пласирање на невистини, кои имаат крајна цел да наштетат и на институцијата, и на  работењето на полицијата, посебно на младите полициски службеници кои со ентузијазам и висока мотивираност се придружуваат на професионалното полициско семејство“. 

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде