Нова цена по мерките на Владата: Еве колку сега чини маслото за јадење

Според Владата, одлуката за замрзнување на маржата на одредени производи со цел ограничување на растот на цените, веднаш даде резултат. Од таму посочуваат дека цените на основните производи се намалени за 5 до 10 отсто.

Трговците на мало и големо почнаа да ги намалуваат цените на основните продукти согласно одлуката на Владата за ограничување на маржите.

Од она што можеше да се види во продавниците засега намалени се цените на оризот, тестенините, лебот и маслото за јадење а цените се намалени за два до седум денари, во зависност од подуктот.

Засега во голем дел од продавниците не се корегирани цените на шеќерот, брашното и млекото но се очекува тоа да биде сторено до крајот на денот.

Од Пазарниот инспекторат соопштија дека нивни екипи се на терен и проверуваат дали трговците ги ограничиле маржите и ги намалиле цените. Досега не откриле прекршок и сметаат дека корекција на цените ќе има секаде во текот на овој ден.

Во организацијата на потрошувачи има се повеќе поплаки од граѓаните околу поскапувањето на цените, различни цени на рафотвите и при наплата на каса, како и одредени артикли кои беа или се повлекуваат од продажба затоа што трговците немаат профит.

Од Организацијата бараат да се укине ДДВ за дел од хигинески и козметички производи.

Владата во вторникот донесе одлука да ги ограничи маржите на основните производи на 5 и 10 отсто, и во трговијата на мало и на големо. Се кратат и дел од оперативните трошоци.

Ова е втор пат како државата носи мерки за превенција од поскапување. Претходните беа слични и важеа до 31 мај, но откако се укинаа, производите значително поскапеа, некои и за над 70 отсто.

Од владината прес-служба посочуваат дека корекција на цените се прави од денеска, а ќе продолжи и во претстојните денови.

Соопштија дека најголемо намалување се очекува кај маслото за јадење и до 10 отсто, кај тестенините, како и на сите останати основни производи опфатени во владината одлука.

Во маркетот на трговски ланец што го посетивме денеска работниците брзаа да постават нови количини на прехранбени производи, а и цените беа нови за одделни производи. Така, цената на зејтинот, иако во ограничен избор („брилијант“ и „ле бон“) се движеше од 149 до 152 денари. Пред два дена таа беше од 156 до 163 денари.

Владата континуирано ја следи состојбата и во услови на најавени нови покачувања на цените на производите интервенираше веднаш за да го заштити стандардот на граѓаните.

Заклучно со 30 септември 2022 година за леб, бел сечен на парчиња или цел, шеќер бел како и сончогледово масло за јадење, се утврдува трговска маржа во висина до 5 отсто во трговијата на големо и до 5% во трговијата на мало.

За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8 отсто, 3,2 отсто и 3,5 отсто и јајца од кокошка за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец се утврдува трговска маржа во висина до 10 отсто во трговијата на големо и до 10 отсто во трговијата на мало, се наведува во владиното соопштение.

Од Владата најавуваат дека во периодот кој следи, интензивно продолжуваат контролите за трговците, со цел да нема драстично зголемување на маржите и истите соодветно да се санкционираат.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде