Маржите замрзнале, а цената на маслото повторно скокнала!?

Значително намалување на цените на голем дел од основните прехранбени производи, при што најмногу на оризот – во еден од маркетите дури и за 56 проценти,

евидентирале пазарните инспектори по обиколката во трговијата каде вршеле контрола на тоа како се спроведува Одлуката на владата за ограничување на маржата.

Но, она што и нив ги изненадило е што во некои маркети, по донесувањето на одлуката за ограничување на маржата, цените на маслото за јадење во некои маркети се зголемиле од 1 до 4 проценти.

Така, ако пред замрзнувањето на маржите, маслото за јадење било 156 денари, потоа станало 162 денари.

Забележано е и зголемување на цената на брашното во некои маркети од 37 на 39 денари за 1 килограм, како и на пакување на ориз од 900 грама од 53 на 57 денари за прва класа, односно од 48 на 49 денари за втора класа.

За еден денар, односно од 55 на 56 денари скокнала цената и на шеќерот во еден маркет.

Сепак, ако се разгледаат бројните контроли на артикли, може да се забележи дека скокот на цените е речиси инцидентна појава. Во мал број на случаи цената на основната храна останала непроменета, додека најчесто таа се намалила.

Некои видови на леб поевтиниле и за 30 проценти, оризот поевтинил од 25 до 56 проценти, брашното од 7 до 10 проценти, јајцата до 2 проценти…

Владата на 14 јуни донесе Одлука за посебни услови за трговијата на одделни стоки, со која се определува највисоката трговска маржа на основните прехранбени производи во трговијата на големо и на мало.

Со оваа одлука, маржа од 5 проценти во трговијата на големо и 5 проценти во трговијата на мало има за леб бел-сечен на парчиња или цел, за шеќер бел како и за сончогледово масло за јадење, со исклучок на ладно цеденото.

За брашно од пченица – тип 400 и тип 500, за макарони и шпагети од тврда пченица, македонски бел ориз, за трајното кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% и за јајца од кокошка,

за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец е утврдена трговска маржа во висина до 10% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало.

Казните за неспроведување на одлуката, според актуелната регулатива се од 500 до 5.000 евра.

Извор: Слободен печат

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде