„И грав веќе не е евтино да се јаде“ – граѓаните се жалат и мака мачат со новите цени…

Секое влегување во продавница е нова неизвесност. Цените на храната секојдневно се зголемуваат. Често пати може да се видат вработените како под производите лепат нови цени.

Ако ги прашате дали лепат повисоки цени, велат: „Да, за жал”. Ако пред кризата граѓаните се жалеа дека влегле во продавница со 500 денари и дека скоро ништо битно не купиле, сега тоа го велат за трошок од илјада денари. За да се поднаполни фрижидерот и да „држи” некој ден, треба да се потрошат барем 2.000 денари. Веќе не е евтино ниту со „посен” грав, леб и салатичка да се помине ручекот.

Купувачите често застануваат покрај штандовите со леб. Цените никогаш не биле повисоки. Пакувањата од половина килограм „обичен” леб се до 50 денари, па и нагоре, во зависност од тоа дали е сецкан и чиј производ е. Потоа немо се застанува кај брашното, млекото, маслото за јадење… Па и гравот веќе не е евтин – мало пакување накај 150 денари. На пазар килограм грав нема под 220 денари.

Покрај тоа што цените си поигруваат со нашите нерви, видливо е дека се јавува и недостиг од некои продукти. Веќе неколку дена потрошувачите се жалат дека цените на млекото и млечните производи не само што отидоа „во небо”, туку и дека има недостиг од одредени производители. Токму за млекото и млечните производи најавите се дека неделава претстои ново поскапување. Поскапување бараат и производителите на мед. Па и тие на ајварот.

„Ако млекото повторно поскапи се прашувам како ќе им го обезбедам на моите деца кога со сопругот имаме просечна плата. Кога ќе се пресметаат режиските трошоци, потоа за градинка и училиште, не остануваат пари за купување на храна како до пред неколку месеци. Мора и на храна да штедиме, а веќе штедиме на облека, на хигиена, а за автомобилот и да не раговараме, нема пари за бензин”, вели една граѓанка која ја затекнавме како ги „мерка” цените.

„Вака се лепеа нови цени на времето пред распадот на Југославија, пред да дојде Анте Марковиќ за премиер. Со Анте видовме стабилност, имавме плати, можевме да си дозволиме полежерно да пазариме. Сега како да се враќаме поранешното невреме на неизвесност, на криза, кога беше попаметно што побрзо да ги потрошиш динарите/ денарите на купување храна, зашто ако ги чуваш стануваа безвредни”, вели постар скопјанец.

Продавачите исто така се жалат и затоа што и самите се купувачи на храна и затоа што мора да го правдаат маркетот, велејќи дека не е до нив, туку до производителите, до цените на горивата и на струјата. Досега имало неколку бранови на потрошувачи кои брзо ги празнеле рафтовите, еднаш со брашно, другпат со масло за јадење, а изминатите денови и рафтовите со млеко иако цената на литар во тетрапак никогаш не била повисока, велат продавачите.

Гласините се дека неделава млекото ќе има нови, значително повисоки цени, но и дека е можно да дојде до млечна криза. Извесна млечна криза имаше предминатата недела во Србија, кога жителите од пограничните места во Македонија купуваа млеко иако е со повисока цена од српското.

Во одредени маркети може да се забележат празни рафтови на одредени производители на млеко. А, тоа млеко кое што го има во продажба, е со цени од 70 денари па нагоре. И со јогуртот е иста приказната – тешко е да се најде со цена под 70 денари.

Цените на сирењето се исто така во постојан пораст – на кравјото сирење достигнува и до 450 денари, на овчото до 600 денари, на урдата пак и над 200 денари за килограм. Кашкавалот е уште поскап, на некои видови цената им е над 800 денари.

Тоа што ги плаши купувачите се вестите и од соседството, каде цените на млечните производи постојано одат нагоре, па така во Хрватска сирењето достигнува и до 50 евра за килограм.

Целата статија на „МКД.мК“ – ТУКА.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде