Груби објаснува: Руси биле виновни затоа што доцнел автопатот Скопје-Блаце

Првиот вицепремиер Артан Груби вечерва во гостување на ТВ21 рече дека причината зошто доцни изградбата на автопатот Скопје-Блаце е тоа што компанијата што го добила тендерот за надзор на автопатот е поврзана со руската држава и со банки од Русија.

„Тендерот беше објавен, две компании се пријавија, една беше хрватска компанија, а другата американска, но таа не ја поднесе соодветната документација и беше диксвалификувана, па остана само хрватската фирма.

Во периодот во кој требаше да ја приложи банкарската гаранција, компанијата не успеа да обезбеди 2,7 милиони евра за банкарска гаранција, за да ги почне преговорите со „Бехтел“.

Кога проверивме, откривме дека хрватската компанија е во руска сопственост.

Во нејзиниот одбор на директори седат Руси кои се поврзани со државата Русија. Тие ги имале сите средства во руска банка и не успеале да ги префрлат“, рече Груби.

Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) минатиот месец го поништи тендерот за избор на компанија што ќе врши надзор на автопатите од Коридорот 8 и Коридорот 10-Д, кои треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“.

Државното претпријатие тогаш не соопшти ништо за „руските врски“ на хрватскиот институт „ИГХ“, кој требаше да добие 22,6 милиони евра од државата за работата.

За тоа зошто доцни изградбата на 14-те километри автопат од Скопје до косовската граница денеска беше запрашан и министерот за транспорт Благој Бочварски, но тој не даде конкретен одговор.

Бочварски не одговори ниту на новинарските прашања околу тоа дали чувствува лична одговорност за доцнењето со реализацијата на градежните работи, ниту дали има одговорност кај директорите на Јавното претпријатие за државни патишта.

На 15 ноември лани, министерот изјави дека првата делница ќе биде готова до средината на оваа година, а сега вели – средината на следната година.

Извор: Слободен печат

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде