Драма на летот Милано – Скопје: Пијан патник беснеел низ авионот, патничка раскажува низ што поминале!

Патник во алкохолизирана состојба направил хаос на синоќешниот лет од Милано кон Скопје, поради што морал присилно да биде совладан од екипажот на летот, со цел да биде врзан со безбедносниот појас, што пак, било неопходно авионот да може да слета на „Меѓународниот аеродром Скопје“.

Според сведоци кои биле на овој лет, ситуацијата не била премногу опасна, но лесно можела да ескалира во посериозен проблем за безбедноста на патниците, ако не била навремената реакција на стјуардот и неговите колешки.

Пијаниот патник почнал да прави проблеми по самото полетување, бил „весел“ уште при влегувањето во авионот, каде што испил уште неколку пива, што дефинитивно ја зголемила неговата агресивност.

Тој бил нападен и за време на летот, дофрлувајќи и станувајќи од своето место, поради што неколку пати паднал на подот од авионот, а имал и физичка пресметка со друг патник, кој не можел да остане имун на неговото малтретирање на речиси до крај исполнетиот авион.

„Чувството воопшто не беше пријатно, без разлика што однесувањето на проблематичниот патник, за среќа, во ниту еден момент не влијаеше врз летот.

Стануваше, викаше на македонски, српски и германски јазик, паѓаше, им правеше непријатни ситуации на тие околу него. Кога стјуардесите одбија да му продадат пиво затоа што беше многу пијан, почнаа поголемите проблеми.

Едвај ја скротија неговата агресивност за да го седнат на седиштето за да го врзат, бидејќи тоа беше условот пилотот да слета во Скопје.

Бевме пресреќни кога почувствувавме дека сме на земја, особено кога видовме полиција во авионот“, вели во изјавата за МКД.мк една од патничките на летот кој доцна синоќа полета од италијанскиот аеродром „Малпенса“ кон македонската престолнина.

Поради ова, сите присутни на летот Милано-Скопје по слетувањето на скопскиот аеродром биле задржани на своите места сѐ додека прво не дошла полиција, која го привела проблематичниот пијан патник.

Дури потоа им било дозволено да го напуштат аеродромот и да заминат прво кон граничната контрола, а потоа и кон своите крајни дестинации.

Извор: МКД.мк

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде