Уште еден yдар за граѓаните: Поскапеа и кредитите!

Основната каматна стапка е зголемена на два отсто, а одлучено е и за умерено зголемување и кај каматните стапки на депозитите преку ноќ и седумдневниот депозит, одлучи Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на редовна седница,

на која вчера биле разгледани најновите движења на меѓународните и на домашните финансиски пазари, како и показателите за домашната економија во смисла на поставеноста на монетарната политика.

Во однос на основната каматна стапка, која е еден од инструментите што ги користи Народната банка, по зголемувањето во април и мај (за по 0,25 процентни поени, соодветно),

на јунската седница на Комитетот е донесена одлука за ново зголемување на каматната стапка на благајничките записи за 0,25 п.п., до нивото од 2 отсто.

„На оваа седница на Комитетот беше одлучено да се зголемат и каматните стапки на расположливите депозити преку ноќ и на седум дена, за по 0,25 п.п. и 0,15 п.п., соодветно, на ниво од 0,40 отсто и 0,45 отсто, соодветно.

Понудата на благајнички записи на редовната аукција не се промени и изнесува 10 милијарди денари“, се наведува во соопштението на Народната банка.

Тие очекуваат ваквите мерки да поттикнат промени во каматната политика на банките во насока на пораст на каматните стапки на штедењето во домашна валута и натамошен раст на депозитите кај банките во денари.

Инаку, од Народната банка информираат дека во периодот јануари – мај 2022 година инфлацијата во просек изнесува 9,1 отсто,

што е умерено повисоко во однос на нивните последните проекции во услови на поизразен раст на цените на примарните производи на светските берзи.

„Со оглед на повисокиот раст на примарните производи, кој е и подолготраен, присутни се и пренесени ефекти кај поголемиот дел од производите и услугите, така што има забрзување и кај базичната инфлација.

Ваквите остварувања дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања,што уште повеќе ја нагласува потребата за водење претпазливи домашни политики“, велат во Народната банка.

Девизните резерви се одржуваат во сигурната зона, а притисоците на девизниот пазар од енергетската криза се значително намалени во последните два месеца.

Намалувањето на притисоците воедно е одраз и на поволните поместувања на менувачкиот пазар, како и намалената склоност на домашните субјекти за конверзија на домашната валута во странска валута, се наведува во соопштението на централната банка.

Извор: Слободен печат

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

ве молиме внесете го вашиот коментар!
ве молиме внесете го вашето име овде